Градежништво и занаети

Trockenbau во Германија: занает во кој се влегува без Meister

Како се пријавува фирмата, колку чини стартот и каде е границата преку која истата работа станува прекршок

5. септември 2026.12 мин. читање
Работник поставува гипс-картонска плоча на метална подконструкција во недовршен деловен простор
Meisterне е потребен
Пријавасамо Gewerbeamt
Час 202645 – 70 €
Вложувањеод ~6.200 €

Речиси секој градежен занает во Германија ја чува истата порта — Meisterbrief. Trockenbau е еден од ретките што ја нема таа порта. Ја пријавувате дејноста, добивате даночен број и можете да излезете на градилиште. Но токму затоа што влезот е лесен, луѓето го превидуваат она што доаѓа потоа: два прописа што ви ја менуваат секоја фактура и една граница преку која истата таа работа станува казнива.

Зошто токму Trockenbau

Trockenbau е сува градба — преградни ѕидови од гипс-картонски плочи на метална подконструкција, спуштени тавани, облоги на ѕидови, вградување изолација и сè што се склопува со шраф наместо со малтер. Се работи во новоградба, при реновирање станови, во канцеларии, продавници, хотели и при претворање поткровја во станбен простор.

Клиентот ретко ви е приватно лице. Најголемиот дел од работата доаѓа од генерални изведувачи и градежни фирми што бараат подизведувач за една фаза. Тоа го менува целиот начин на размислување: не одите на огласи, туку во кругот фирми што веќе имаат договорени градилишта. И тоа е причината зошто прописите од продолжението на овој текст воопшто постојат — напишани се токму за синџирот изведувач → подизведувач.

0 €толку ве чини „Meister-хартијата“ — зашто не ви треба
45 – 70 €час на Trockenbau фирма во Германија во 2026.
35 – 90 €по m² со материјал, зависно од видот работа
15,86 €минималец на градилиште од 1 април 2026 (група 1)

Дали ви треба Meister? Не — и еве точно зошто

Германските занаети се поделени во три групи: Прилог A — занаети со задолжителен Meister, Прилог B1 — занаети без таа обврска, каде Meister е доброволен, и Прилог B2 — дејности слични на занает. Trockenbau до 2000 година беше во Прилог A. Со законска измена е извлечен оттаму и не е префрлен ниту во B1 ниту во B2.

Практичната последица е поголема отколку што звучи: чист Trockenbau во Германија не се води како занает во смисла на Занаетчискиот закон, туку како слободна дејност. Не се запишувате во Handwerksrolle, не полагате ништо, не докажувате никаква квалификација. Пријавата во Gewerbeamt е единствениот формален услов за да смеете да работите.

Двајца работници со шрафови прицврстуваат гипс-картонски плочи на подконструкција на спуштен таван
Спуштените тавани се најбараниот дел од работата во канцелариите и локалите — и најдобро платениот по квадрат.

Што сè мора да биде пријавено

Trockenbau нема Meister, но има институции. Ниту една од нив не праќа потсетник и ниту една не прифаќа изговор дека не сте знаеле. Ова е списокот на она што мора да биде направено пред да излезете на првото градилиште — за да го знаете обемот за кој зборуваме.

  • Gewerbeanmeldung во општината — со дејност формулирана така што нема да ве вовлече во занает со задолжителен Meister
  • Пријава во Finanzamt и даночна регистрација, вклучувајќи ја одлуката за начинот на оданочување што ве врзува пет години
  • Пријава во Berufsgenossenschaft (BG BAU) — задолжителна во градежништвото, во рок од една недела
  • Пријава во надлежната комора, IHK или HWK, зависно од тоа како е опишана дејноста
  • Betriebsnummer, кога планирате вработени
  • Freistellungsbescheinigung по §48b — без неа изведувачот ви задржува 15% од секоја фактура
  • Проверка на обврската кон SOKA-BAU, бидејќи Trockenbau е изречно наведен во тарифниот договор

Едно нешто сепак не е прашање на документи туку предуслов: престојот. Државјаните на ЕУ и ЕЕА немаат дополнителни услови. Ако сте од Србија, БиХ, Северна Македонија или од Косово, ви треба престојна дозвола што дозволува самостојна дејност. Тоа е единствената точка на која целиот план може да запре, па проверете ја пред сè друго — и јавете ни се со тој одговор, бидејќи од него зависи по кој пат воопшто одиме.

Колку навистина ве чини стартот

Вложување во занаетот, прва година
Алат: батериска шрафилка, ласер, ножици и штанц за профили, ситен алат
2.000 – 4.000 €
Скали, работна платформа, дигалка за плочи
500 – 1.500 €
Работна облека и заштитна опрема
300 – 600 €
BG BAU — годишен придонес (од минимумот нагоре)
од 100 €
Betriebshaftpflicht, годишно
300 – 700 €
Резерва за првите три месеци (изведувачите плаќаат со одложен рок)
3.000 – 6.000 €
Вкупно без возило
≈ 6.200 – 12.800 €
Со половен транспортер (или лизинг 250 – 450 € месечно)
≈ 12.200 – 27.800 €
Во оваа сметка нема пријави, даночна регистрација, настап на фирмата ниту документи со институциите — тоа е нашиот дел од работата и оди преку Business пакетите. Тука е само она што го купувате за себе, како занаетчија. Возилото е единствената ставка што практично го дуплира буџетот и единствената што можете да ја одложите: првите неколку градилишта реално се одработуваат со изнајмено комбе.

Два прописа што ви ја менуваат секоја фактура

§13b UStG — фактура без ДДВ

Кога градежна услуга давате на фирма што и самата трајно дава градежни услуги, ДДВ не пресметувате вие туку нарачателот. Тоа се вика Reverse-Charge, пренос на даночната обврска. Вие издавате нето фактура, без ниту едно евро ДДВ, со задолжителна забелешка.

§48b EStG — 15% што ви ги задржува некој друг

Ова е целосно одвоен пропис и се однесува на данокот на доход, не на ДДВ. Нарачателот на градежни работи е законски должен од секоја исплата да задржи 15% и да ги уплати во Finanzamt, како аванс на данокот во ваше име. Парите не се изгубени, но се заклучени со месеци.

Зошто статусот Kleinunternehmer тука честопати нема смисла

Од 2025 сте Kleinunternehmer ако претходната година сте биле под 25.000 € промет и тековно останувате под 100.000 €. Звучи како олеснување — но пресметајте што реално ви носи. Како подизведувач по §13b и онака не пресметувате ДДВ на клиентите, па тој статус не ви дава никаква предност во цената. А го губите правото на поврат на ДДВ за сè што купувате: плочи, профили, алат, возило, гориво. Кај старт каде веднаш вложувате 10.000 € во опрема, тоа се илјадници евра фрлени низ прозорец. Затоа оваа одлука во градежништвото речиси секогаш оди во корист на редовното оданочување. Но не одлучувајте по правило од текст туку по своите бројки — затоа во пакетот и стои час финансиско советување со даночен советник, пред да се стави чекирањето. Потоа ве врзува пет години.

Колку се наплаќа во 2026.

Вид работаЦена со материјалЗабелешка
Преграден ѕид (Ständerwand)35 – 75 €/m²Зависи од бројот слоеви плочи и изолација
Облога на ѕид (Vorsatzschale)од 35 €/m²Најчесто кај изолација и водење инсталации
Спуштен таван (abgehängte Decke)40 – 90 €/m²Најдобро платениот дел од работата
Глетување површини (Q2 – Q3)8 – 20 €/m²Често се договара посебно
Адаптација на поткровјеод 55 €/m²Повеќе работа по квадрат поради косините
Час на фирмата45 – 70 €/hГорната граница во Минхен, Хамбург, Франкфурт

Регионални разлики од ±20% се нормални. Но пред да ја споредите својата цена со туѓа, обрнете внимание на она што почетниците постојано го мешаат: часот на фирмата не е плата. Од тие 45 до 70 € излегуваат придонеси, возило, алат, осигурување, сметководител, неплатени денови и вашето слободно време. Кој смета дека часот му е чист приход, смета погрешно — и за две години е надвор од игра.

Најскапата грешка во оваа работа не е лошо поставен ѕид. Најскапата грешка е понудата што сте ја дале за еден ден, а ја плаќате наредните шест месеци.

Штом вработите прв работник, играта се менува

Додека работите сами, обврските се поднослив. Првиот вработен ве воведува во најконтролираната гранка на германското стопанство. Од 1 април 2026 во главната градежна дејност првпат важат исти тарифни износи во цела Германија — децениските разлики меѓу истокот и западот се укинати.

МинималецПо часВажи
Општ законски минималец13,90 €од 1 јануари 2026
Градежништво, група 1 (Werker)15,86 €од 1 април 2026, единствено за цела Германија
Градежништво, група 2 (Fachwerker)17,34 €од 1 април 2026, единствено за цела Германија
Тарифен час Stuckateur, група 425,34 €за споредба — регулиран занает со Meister
  • Sofortmeldung — пријава на работникот пред да стапне на градилиште, не истиот ден навечер
  • Дневна евиденција на работното време по Законот за минимална плата
  • SOKA-BAU придонеси на бруто платите — од 1 јули 2026 19,8% на запад и 18,3% на исток
  • Лична исправа кај секој работник на градилиштето, во секој момент
  • A1 потврда за секој работник што доаѓа од друга држава

Каде се клиентите

  • Генерални изведувачи и градежни фирми што бараат подизведувач за една фаза — тука е најголемиот дел од работата
  • Фирми за реновирање станови и агенции за управување со недвижности (Hausverwaltung)
  • Ентериеристи и фирми за опремување локали, канцеларии и ординации
  • Столари и монтажни фирми што сами не работат гипсени системи
  • Приватни инвеститори кај адаптација на поткровје — најдобра маржа, но најбавно доаѓаат

Првите три работи се најтешки и скоро секогаш доаѓаат преку познанство. Потоа синџирот сам се отвора: изведувач што е задоволен од вашиот рок ве препорачува на друг изведувач, бидејќи не му конкурирате — му покривате фаза што инаку би морал да ја бара. Затоа во оваа работа уредна фирма со важечка §48b потврда и Betriebshaftpflicht полиса вреди повеќе од најниската цена.

Завршени гипсени ѕидови и тавани со глетувани спојници во куќа пред фарбање
Квалитетот на спојниците е она по што ве памети изведувачот — и единствената причина поради која ве повикува втор пат.

Einzelunternehmen или UG

EinzelunternehmenUG (haftungsbeschränkt)GmbH
Основен капитал0 €формално од 1 €, реално 1.000 € и повеќе25.000 € (уплата мин. 12.500 €)
Одговорностсо целиот личен имотдо висината на влоготдо висината на влогот
Нотар и регистарне е потребно≈ 300 – 800 €≈ 800 – 1.500 €
Сметководствоедноставно (EÜR)двојно, со билансдвојно, со биланс
Кога има смисласоло старт, првите две годиникога одите на поголеми градилишта и договорикога приходот и ризикот сериозно ќе пораснат

За повеќето што почнуваат сами одговорот е Einzelunternehmen — брзо, евтино, без нотар. Но во градежништвото постои една причина за UG што во другите дејности ја нема: ако погрешно поставена конструкција направи штета на туѓ објект, износите знаат да бидат повеќекратно поголеми од годишниот промет на мала фирма. Осигурувањето покрива голем дел од тоа, правната форма го покрива остатокот. Ова е разговор што го водиме на почетокот, пред пријавата — бидејќи формата се избира еднаш, а се менува скапо.

E-Rechnung: рокови за во календар

  • Од 1 јануари 2025 секоја фирма во Германија мора да може да прими електронска фактура — тоа важи и за вас од првиот ден
  • Од 1 јануари 2027 задолжително издавање е-фактури за фирми со промет над 800.000 € во претходната година
  • Од 1 јануари 2028 обврската за издавање важи за сите домашни B2B фактури, без оглед на големината
  • Kleinunternehmer по §19 остануваат ослободени од обврската за праќање, но не и од обврската за прием
  • Признати формати се XRechnung и ZUGFeRD по европската норма EN 16931 — PDF пратен по е-пошта не е е-фактура

Три работи што се потценуваат

  1. 01
    Рокот на плаќање, не цената

    Изведувачите плаќаат со одложен рок, често 30 до 60 дена, а понекогаш дури по примопредавање на фазата. Вие во меѓувреме плаќате материјал, гориво и евентуално работник. Затоа резервата од сметката погоре е поважна од неколку евра по квадрат.

  2. 02
    Мерење и понуда

    Квадратурата од хартија и квадратурата од градилиште се разликуваат. Отворите, косините, кутиите за инсталации и висината на таванот драстично го менуваат потрошеното време. Понудата давајте ја дури по излегување на лице место — и секогаш писмено, со јасно наведен квалитет на глетување (Q1 до Q4).

  3. 03
    Документација

    Фотографирајте ја секоја фаза пред да ја затворите со плоча. Кога по половина година некој тврди дека инсталацијата не е добро водена, фотографијата со датум е единствениот доказ што вреди. Истото важи за примопредавањето: потпишан записник или нема примопредавање.

Дали навистина можам да работам Trockenbau без Meister?

Да. Trockenbau од законската измена во 2000 не е во Прилог A на Занаетчискиот закон, а не е ниту во Прилог B1 ниту во B2. За чисти Trockenbau работи доволна е пријава на дејноста во општината.

Морам ли да се запишам во Handwerkskammer?

За чист Trockenbau не постои обврска за запишување во Handwerksrolle. Но комората ќе ве контактира по пријавата на дејноста и по правило ќе ве воведе во членство — HWK или IHK, зависно од описот на дејноста. Тоа е придонес, а не услов за работа. Пријавата во соодветната комора е дел од Pokreni Biznis пакетот.

Смеам ли да глетувам и да малтерисувам?

Глетувањето на спојниците и површините на гипс-картонските плочи е составен дел од Trockenbau и смеете да го работите. Внатрешниот малтер е Stuckateur — занает од Прилог A за кој Meister е задолжителен. Границата оди токму таму.

Зошто изведувачот ми задржува 15% од фактурата?

Тоа е Bauabzugsteuer по §48 од Законот за данок на доход. Нарачателот е законски обврзан да задржи 15% и да ги уплати во Finanzamt, освен ако не му покажете важечка Freistellungsbescheinigung по §48b. Таа потврда се обезбедува веднаш со регистрацијата — кај нас е дел од процесот, а не нешто што го откривате по првата ненаплатена фактура.

Зошто на мојата фактура не смее да стои ДДВ?

Кај градежни услуги за друга фирма што и самата трајно дава градежни услуги, даночната обврска ја презема нарачателот (§13b UStG). Вие издавате нето фактура со забелешката „Steuerschuldnerschaft des Leistungsempfängers“. Ако сепак пресметате ДДВ, го плаќате без право да го наплатите.

Ми треба ли SOKA-BAU ако работам сам?

Придонесот се пресметува на бруто платите на вработените, па додека работите сами нема основица. Но Trockenbau е изречно наведен во тарифниот договор како дејност што подлежи на социјалните каси, па обврската настапува штом вработите прв работник. Пријавата проверете ја однапред, не потоа.

Колку треба да наплаќам на почетокот?

Во 2026 фирмите се движат меѓу 45 и 70 € по час, односно 35 до 90 € по квадрат со материјал. Како нов на пазарот ќе бидете при долната граница — но не под неа. Цена значително пониска од пазарната кај изведувачите не буди интерес туку сомнеж дали ќе издржите до крајот на градилиштето.

Извори
  • Handwerksordnung, Прилог A и Прилог B (B1/B2) — ZDH, преглед на занаети
  • gewerbeanmeldung.de — Trockenbau: пријава на дејност без Meister
  • BG BAU — придонес за претпријатија, минимален придонес и осигурување на сопственикот (2026)
  • SOKA-BAU / VTV — опфат на дејности и стапки на придонеси од 1 јули 2026
  • Тарифен договор за главната градежна дејност — износи од 1 април 2026
  • § 13b UStG — пренос на даночната обврска кај градежни услуги; потврда USt 1 TG
  • § 48 и § 48b EStG — Bauabzugsteuer и потврда за ослободување (BZSt)
  • § 19 UStG — граници за Kleinunternehmer од 2025 (25.000 / 100.000 €)
  • Закон за модернизација на сузбивањето на работата на црно (SchwarzArbMoDiG), на сила од 1 јануари 2026
  • Baupreislexikon и споредбени прегледи на пазарни цени за Trockenbau работи за 2026
Текстот има информативен карактер и не претставува даночно ниту правно советување. Износите и прописите подлежат на промени — пред одлука проверете ги актуелните услови.